Денес може само да заклучиме дека Бугарија не го почитува договорот од 22 ноември 1947 година!… Ниту пак тогашната македонска влада ги испочитувала тие документи, бидејќи во 2017 склучила нов договор со штетни последици за државата и нацијата!
Историски документи што удираат печат за НИШТОВНОСТ за низа клаузули на Договорот за добрососедство меѓу
Македонија и Бугарија
Со т.н. Договор за пријателство со Бугарија, како и со формирањето на фамозната комисија за историски и образовни прашања (чии резултати од работењето се „услов без кој не се може“ за натамошното интегрирање на Македонија во ЕУ) се направени такви политички, правни и процедурални пропусти со што е направена ненадоместлива штета на македонските национални интереси, македонскиот народ и на државата.
Пропуст од колосални размери на претходната влада на Македонија
1. На почеток, го издвојуваме фактот дека официјална Софија и Скопје, преку свои комисии, а потоа и преку државните институции, ги утврдиле историските факти и вистини за низа историски настани и личности, и постигнале согласност (и договор) уште во 1947 година. Бугарија, соочена со историски докази и извори, ја усогласила својата историја со научната историографија, а потоа ја споредила со историјата на Македонија, и тоа уште во 1947 година. При споредувањето и осврнувањето на низа настани и личности, никогаш не станало збор за постоење на некаква „заедничка историја“, ниту пак „споделена историја“ на двата засебни народи и држави, туку стриктно држење на научно-историските релевантни извори. Во еден таков контекст на наше новинарско истражување, во редакцијата ни беше проследен факсимил (од ОМО „Илинден“) од автентичен документ, во кој историски комисии помеѓу Македонија и Бугарија, по Втората светска војна ги сообразиле ставовите – врз основа на историски извори, документи и други научноистражувачки методи, при што бугарските погледи на македонската историја биле утврдени како невистинити и во нив требало да се интервенира, за да се исправат историските невистини што постоеле во историските читанки во Бугарија што се користеле и по Втората светска војна.
2. Споменатиот документот датира од 22 ноември 1947 година. Во документот стои дека промените (што треба да се направат во бугарската историја) се со цел да се спречи големобугарскиот шовинизам и се однесуваат на различни историски периоди. (Потсетување дека со Договорот за добрососедство Заев-Борисов од 2017 година и со формирањето на историската комисија треба да се разговара или „преговара“ за истите утврдени работи, за што постои и договор од 1947 година?! Во еден таков контекст, според соговорниците историчари, нештата одамна се решени, во полза на историската вистина, и за тоа постојат и документи од кои два факсимила објавуваме во денешниот број).
Во еден од документите стои дека Самуиловата држава не е западнобугарска држава, туку типична феудална држава во која доминантно население се македонските словени.
Понатаму, стои дека Климент и Наум се сесловенски просветители, а Кнежеството на Пребонд е првиот обид на македонските словени да создадат независна држава, додека браќата Миладиновци се македонски просветители!
Денес може само да заклучиме дека Бугарија не го почитува договорот од 22 ноември 1947 година!… Ниту пак тогашната македонска влада ги испочитувала тие документи, бидејќи во 2017 склучила нов договор со штетни последици за државата и нацијата!
Тодор Петров: Клучното е зошто Македонија дозволи да се репреговара за сопствената историја и за работи што биле фактографски утврдени пред речиси цел еден век?
Во својата колумна по ова прашање, претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, прашува:
Зошто со договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година повторно е формирана комисија за ревизија на македонската историја, која проблематизира веќе претходно договорени отворени прашања?
Тој потсетува дека Бугарија е потписник на следните договори:
(1) Договорот од Блед од 1947 година, со кој Бугарија им ги гарантира правата и слободите на Македонците во Пиринска Македонија за слободен национален, економски и културен развој и воопшто односите меѓу Бугарија и Македонија;
(2) Декларацијата на Организацијата на Обединетите нации за човековите права;
(3) Европската рамковна конвенција за национални малцинства;
(4) Меѓународниот пакт за граѓански и политички права; и
(5) Меѓународниот пакт за економски, културни и социјални права.
За жал, Бугарија одбива да ја потпише Европската повелба за регионални и малцински јазици. Бугарија со новиот националшовинистички притисок врз Македонија ревидира веќе договорени и решени дилеми во 1947 година, дека „Македонците биле Бугари, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, а целата историја на Македонија до 1945 година била бугарска“!?
Апсурдноста на договорите потпишани од експремиерот Заев во има на Македонија
– Сосема е природно, Бугарија како држава да го избегнува прашањето за признавање на македонскиот народ во 1947 година, но поапсурдна ја направивме македонската позиција – велат соговорниците историчари и професори.
– Бугарија како држава се разбира дека ќе го избегнува прашањето дека го признава македонскиот народ со договор од 1947 година, но македонската позиција за ова прашање беше збунувачка. Добро упатени велат дека со прифаќањето и потпишувањето на т.н договор за пријателство со Бугарија, македонската страна дозволи ревидирање на нешто што беше решено во 1947 година, односно признавање на македонските национални особености, како и малцински права за македонскиот народ во Бугарија.
Оттука, одредени аналитичари и познавачи на оваа проблематика посочуваат дека овој факт треба јасно да го образложиме кај нашите пријатели во Европската Унија, а останува и нејасно зошто претходната македонска влада што го потпиша т.н. Договор за пријателство со Бугарија се откажала од овој аргумент.
– Недозволиво е од македонска страна, прашањето за признавањето на македонските национални особености од бугарска страна во 1947 години, воопшто да не биде јавно отворено во изминативе години – велат добро упатени.
– Меѓународните односи не се сведуваат на пиши-бриши, Бугарија како држава со Договорот од Блед од 1947 година им ги гарантира правата и слободите на Македонците во Пиринска Македонија за слободен национален, економски и културен развој – велат нашите соговорници.
Непосредно по Втората светска војна, Бугарија имаше прогресивна и помирителна политика кон македонскиот народ!
По Втората светска војна, Бугарија како држава целосно ја менува својата политика кон македонското прашање и македонскиот народ, во интерес на историската вистина. Конкретно, станува збор за едно прогресивно видоизменување, кое се должи пред сѐ на иницијативите и демократската отвореност на раководните структури кај нашиот источен сосед. Добро упатени во оваа проблематика нагласуваат дека овие тогашни промени од страна на одредени денешни бугарски центри ѝ се препишуваат на Бугарската комунистичка партија (БКП), но и дека станува збор за дикати од страна на Советскиот Сојуз и Југославија, кои Софија ревносно ги извршува бидејќи е поразена во војната. Меѓутоа, овие обиди за релативизирање на тогашната бугарска политика кон Македонија и Македонците немаат реална основа бидејќи бугарските левичарски групации и организации отсекогаш имале позитивен пристап кон македонското прашање, нешто што се потврдува од многубројните историски извори, документи и сведоштва, велат нашите соговорници.
– Признавањето, олицетворено во политиките на Бугарската комунистичка партија (БКП), на македонскиот народ и македонските национални особености, како нешто одделно од бугарскиот народ е всушност континуитет на бугарските левичарските политики уште од крајот на 19 век. Оттука не станува збор за никакви диктати, туку за една помирителна и прогресивна политика на БКП, која е насочена кон конечно решавање на македонското прашање во полза на македонскиот народ, но и целосно прекратување со бугарскиот шовинизам, национализам и иредентизам – велат добро упатени во оваа проблематика.
Новите политики на бугарската држава кон македонското прашање јасно се образложени и промовирани од страна на Георги Димитров, главната и клучна личност во Отечествениот фронт и првиот претседател на НР Бугарија. Тој го признава постоењето на македонскиот народ како посебен народ, македонскиот јазик како одделен јазик, македонската историја ист така., а Народна Република Македонија како национална држава на Македонците и се залага за целосно обединување на Македонија во рамките на балканска федерација. Овие позиции не се новитет за Георги Димитров, ниту пак се должат на одредени надворешни притисоци или влијание.
Димитров уште пред почетокот на Втората светска војна има јасен став за македонското прашање, а ова е особено забележливо во неговото писмо од 1934 година во кое меѓу другото може да се прочита: „Јас се чувствувам нераскинливо врзан со судбината на македонскиот народ и како бугарски пролетерски револуционер и како син на семејство што потекнува од Разлог – долината на историското Илинденско востание… Само единствената револуционерна борба на македонскиот народ во најтесен сојуз со работниците и селаните во Бугарија, Југославија и Грција може да доведе до победа на македонската ослободителна револуција“.
Врз основа на прогресивните и помирителни принципи на Георги Димитров, но и на бугарските комунисти и левичари беа формулирани следните ставови: признавање на македонската нација како посебна нација на Балканот и НР Македонија како национална држава на Македонците, признавање на националните права на Македонците во Пиринска Македонија под управата на Отечествено-фронтовската бугарска држава и создавање пријателска атмосфера меѓу Југославија и Бугарија и готовност за создавање јужнословенска федерација во која би влегла и Бугарија како посебна единка со задолжително обединување на Вардарска и Пиринска Македонија, која би била седма федерална единица во спомената федерација.
Така, во училиштата во Пиринска Македонија започнало да се изведува настава на македонскиот мајчин јазик, биле отворени македонски книжарници, а во Благоевград започнал да работи Македонски народен театар. Беа регистрирани и промени и во бугарската историографија, оттука бугарските ученици учеле дека Самуиловата држава не е западнобугарска држава туку типична феудална држава во која доминантно население се македонските Словени, Климент и Наум се сесловенски просветители, а Кнежеството на Пребонд е првиот обид на македонските словени да создадат независна држава, како и дека а браќата Миладиновци се македонски просветители. Д.Ст.