Неколку лица се повредени при напад со нож во западниот дел на германската престолнина Берлин, јави ДПА повикувајќи се на полициски извештај.
Според полициската изјава, маж нападнал неколку минувачи на улица во квартот Шарлотенбург. Двајца од повредените се пренесени во болница.
Инцидентот бил пријавен на службите за итна помош околу 12:00 часот по локално време. Напаѓачот е уапсен и однесен во притвор, додаваат од полицијата.
Германскиот весник „Бе Цет“ информира дека неколку минувачи се обиделе да го спречат напаѓачот. Весникот, цитиран од ДПА, наведува дека засега нема индикации оти мотивот за нападот е поврзан со тероризам.
Полицијата сè уште нема објавено повеќе детали за нападот, напаѓачот или состојбата на повредените.